Украинското знаме подигнато пред Министерството за одбрана

Знамињата на Северна Макеоднија, Украина и НАТО пред Министерството за одбрана, 21 февруари 2024 година

Пред Министерството за одбрана утрово (21 февраури) било подигнато украинското знаме во знак на поддршка за одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а во пресрет на навршувањето на две години од почетокот на руската инвазија која започна на 24 февруари 2022 година.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на чинот на подигањето на знамето присуствувале министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир.

„Северна Македонија продолжува целосно да ја поддржува Украина во борбата за својот територијален суверенитет и интегритет. Досега Владата на Република Северна Македонија донесе дванаесет одлуки за воена и хуманитарна помош и беше спроведената обука на украинските војници на Криволак“, се наведува во соопштението.

Видете и ова:

Агелер: Побогати земји не и помогнаа на Украина на начин како Северна Македонија

Украинската амбасадорка Дир оствари средба и со техничкиот премиер Талат Џафери, на која како што информираа од владиниот кабинет, било истакнато дека „Република Северна Македонија и нејзините граѓани, стојат цврсто покрај Украина и ќе продолжат да го прават тоа се додека е потребно, во нејзината борба за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Оваа поддршка, како што велат од Министерството за одбрана, ќе продолжи и понатаму, а тоа е потврдено и од страна на министерката Петровска на состанокот на Советот НАТО - Украина што се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел за време на минатонеделниот министерски состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО.

Украинското знаме пред Министерството за одбрана ќе се вее заедно со знамето на Северна Македонија до понеделник, 26 февруари.