САД повторно ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН) за војната меѓу Израел и Хамас, блокирајќи го повикот за итен хуманитарен прекин на огнот.
За текстот подготвен од страна на Алжир гласаа 13 членови на Советот, додека Велика Британија беше воздржана.
Тоа беше трето американско вето од почетокот на конфликтот на 7 октомври, потсетува Ројтерс.
„Гласањето за оваа нацрт-резолуција е поддршка за правото на живот на Палестинците. Спротивно на тоа, гласањето против, подразбира одобрување на брутално насилство и колективно казнување“, рече алжирскиот амбасадор во ОН Амар Бендјама пред Советот пред гласањето.
Видете и ова:
Алжир предложи нова нацрт резолуција за итен прекин на огнот во ГазаАмбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, во саботата, 17 февруари, најави дека Вашингтон ќе стави вето на нацрт-резолуцијата поради загриженоста дека таа може да ги попречи преговорите меѓу САД, Египет, Израел и Катар за договорот за привремен прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас - милитантна организација означена како терористичка организација од страна на САД и Европската унија.
„Барањето итен, безусловен прекин на огнот без договор кој бара од Хамас да ги ослободи заложниците нема да доведе до траен мир. Наместо тоа, ова само може да ги продолжи борбите меѓу Хамас и Израел“, истакна Гринфилд.
Во меѓувреме, САД предложија втора нацрт-резолуција, со која се повикува на привремен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас и се спротивставува на големата израелска копнена офанзива во Рафах, се вели во текстот во кој Ројтерс имал увид.