По кратка суспензија, Х го врати во функција профилот на вдовицата на Навални

Јулија Навалнаја, вдовицата на Алексеј Навални, учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел.

Социјалната мрежа Х во вторникот, на 20 февруари, по кратка суспензија, го врати профилот на Јулија Навалнаја, вдовица на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални. Сè уште не е јасно зошто нејзиниот профил воопшто беше суспендиран.

Антикорупциската фондација на Навални го означи Илон Маск во објава за да праша „точно кои правилаги прекршилa Навалнaja.

Претходно во вторникот, на својот профил на Х, Јулија Навалнаја го повика Кремљ „да го врати телото на Алексеј и да дозволи тој достоинствено да биде погребан“.

Таа исто така рече дека „не и е грижа како прес-секретарот на убиецот ги коментира овие зборови“.

Видете и ова: Х го суспендираше профилот на Јулија Навалнаја, Русија распиша потерница по братот на Алексеј

Во понеделникот таа го обвини рускиот претседател Владимир Путин за убиство на нејзиниот сопруг и рече дека наскоро ќе ги презентира доказите. Од друга страна, Кремљ негираше вмешаност и оттаму истакнаа дека тврдењата дека рускиот претседател е одговорен се неприфатливи.

Истовремено, Русија распиша и потерница по братот на Алексеј Навални, Олег Навални, против кој е започната нова кривична постапка поради што се бара во Русија.

Во 2021 година, тој беше осуден на една година условна казна за кршење на мерките за спречување на коронавирусот, откако беше обвинет дека поканил Руси да присуствуваат на митинг за неговиот брат.

Тој беше осуден во отсуство на една година затвор во февруари 2022 година за прекршување на условната казна.