Социјалната мрежа Х порано позната како Твитер го суспендираше профилот на вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија Навалнаја. Но, останува нејасно зошто оваа социјална мрежа го суспендираше профилот на вдовицата на Навални, пренесува Скај Њуз.
Претходно, во вторникот, на нејзиниот профил на мрежата Х, Јулија го повика Кремљ „да го врати телото на Алексеј и да дозволи тој да биде погребан достоинствено“.
Таа исто така рече дека „не и е грижа како прес-секретарот на убиецот ги коментира овие зборови“.
Во понеделникот таа го обвини рускиот претседател Владимир Путин за убиство на нејзиниот сопруг и рече дека наскоро ќе ги презентира доказите.
Кремљ негираше вмешаност и рече дека тврдењата дека рускиот претседател е одговорен, се неприфатливи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Вдовицата на Навални вети дека ќе ја продолжи неговата работа
Во исто време, името на братот на Алексеј Навални се најде на листата на лица по кои Русија има распишано потерница, јавуваат државните медиуми, пренесува Скај Њуз.
Против Олег Навални, братот на Алексеј, отворено е нова кривична постапка поради што тој се бара во Русија.
Во 2021 година, Олег беше осуден на една година условна казна за кршење на мерките за спречување на коронавирусот, откако беше обвинет дека поканил Руси да присуствуваат на собир во организација на неговиот брат.
Тој беше осуден во отсуство на една година затвор во февруари 2022 година за прекршување на условната казна. Засега не е познато каде се наоѓа Олег Навални.
Олег отпатувал во Кипар во 2021 година и не се вратил во Русија, според судските документи цитирани од новинските агенции.