Најмалку три лица се убиени во напади со руски беспилотни летала и ракети во источна Украина во изминатите 24 часа, соопштија украинските власти на 18 февруари, додавајќи дека украинските војници ја одбиле руската офанзива на јужниот фронт.
Две тела беа извлечени од урнатините на станбена зграда во градот Краматорск, која беше погодена со проектил во текот на ноќта, изјави Вадим Филашкин, воен гувернер на регионот Доњецк. Акцијата за пребарување и спасување продолжи на лице место, напиша тој на социјалната платформа Телеграм.
Најмалку едно лице загина, а пет се ранети во нападот на двокатна станбена зграда во соседната област Харков, изјави шефот на покраинската воена администрација,Олех Синјехубов.
Во последните 24 часа се случиле 82 борбени ангажмани меѓу руската армија и украинските војници, објави украинската армија во своето секојдневно ажурирање.
Украинските сили „ја поразија вчерашната руска офанзива во секторот Запорожје“, уништувајќи 18 оклопни возила и принудувајќи ги руските војници да се повлечат „на своите претходни позиции“, се вели во билтенот.
Во текот на изминатиот ден руската армија извршила 13 ракетни и 104 воздушни напади и извршила 169 напади со ракетни системи, гаѓајќи ги позициите на украинските војници, како и населените места, се наведува во соопштението од украинската војска.