Бајден го повика Конгресот на САД да преземе акција за помошта за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден телефонски разговараше на 17 февруари со својот украински колега Володимир Зеленски за „да ја нагласи посветеноста на Соединетите Држави да продолжат да ја поддржуваат Украина пред двегодишнината од бруталната инвазија на Русија“, соопшти Белата куќа.

Телефонскиот разговор следи по одлуката на украинската војска да ги повлече силите од клучниот источен град Авдијивка наспроти рускиот напад.

„Украинската војска беше принудена да се повлече од Авдијивка, откако украинските војници мораа да рационираат муниција поради намалените резерви како резултат на неактивноста на Конгресот, што резултираше со првите забележителни придобивки на Русија по неколку месеци. Претседателот Бајден ја нагласи потребата Конгресот итно да го усвои нацрт-законот за дополнително финансирање на националната безбедност за повторно снабдување на украинските сили“, се вели во соопштението Белата куќа по разговорот меѓу Бајден и Зеленски.

Видете и ова: Што ни кажува неизбежниот пад на Авдијивка за расположението на украинскиот фронт?

Претходно оваа недела, Сенатот го усвои со двопартиска поддршка нацрт-законот за странска помош од 95,3 милијарди долари, кој вклучува 60 милијарди долари за поддршка на Украина.

Но, претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, рече дека не планира да го донесе стави на дневен ред предлог-законот затпа што Претставничкиот дом е на двонеделна пауза.

Бајден во петокот ги критикуваше пратениците во Претставничкиот дом за двонеделна пауза, нарекувајќи го тоа „безобразно“ и велејќи им на новинарите дека „дојде време да се засилат“ по смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални.