Член на обезбедувањето на Мицкоски приведен поради напад врз полицаец

Илустрација, полицаец на задача

Приведен е полициски службеник кој не бил на должност поради физички напад на полицаец кој бил на должност, соопшти Министерството за внатрешни работи. Станува збор за 43 годишен човек кој работел како обезбедување на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Инцидентот настанал пред скопски локал каде што нападнатиот полицаец од Единицата за недозволена трговија со дрога при Секторот за внатрешни работи Скопје работел како дел од акција на МВР.

Видете и ова:

Полицајци и приватна фирма за обезбедување со нов тендер го чуваат М-НАВ

„Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија“, се вели во полицискиот билтен.

Приведениот е спроведен во полициска станица и по целосно докуметирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од полиција.

За случајот алармираше дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев од СДСМ кој во објава на социјалните мрежи вели дека напад на полицаец е напад на државата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека приведениот бил дел од обезбедувањето на Мицкоски, но дека по овој инцидент нема повеќе да биде.

„Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. По ваквиот настан, истото ќе биде отстрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со Претседателот на партијата“, се вели во нивната реакција.

Оттаму додаваат дека очекуваат од институциите без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство.