Шолц го повика Израел да го почитува меѓународното право во Газа

Архивска фотографија, германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц упати директен повик до Израел да го почитува меѓународното хуманитарно право, во поглед на планираната копнена офанзива против преполниот град Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

“Почитувањето на меѓународното право и правилата е нешто што не е само нешто што го правиме затоа што потпишавме некои договори на глобално ниво. Тоа е нешто што излегува од нашата перспектива на човечкиот вид и како сакаме да бидеме и како сакаме да се гледаме себеси“, изјави Шолц на Минхенската безбедносна конференција во на 17 февруари.

Тој го повтори германското барање Израел да се придвижи кон решение со две држави, кое ќе вклучи признавање на независна палестинска држава што постои мирно заедно со Израел.

Видете и ова: Египет гради ѕид во близина на Појасот Газа, покажуваат сателитски снимки

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху категорично ја отфрли таа можност.

Палестинското екстремистичко движење Хамас, кое Европската унија, САД и Израел го сметаат за терористичка организација, исто така не поддржува решение за две држави.

Односите меѓу Израел и соседните земји како и случувањата со пренатрупаниот град наиде на силни меѓународни критики.

Израелската офанзива против Појасот Газа започна откако Хамас, кој владее со територијата, изврши невидени напади врз Израел на 7 октомври.