Јапонија успешно лансираше ракета во орбитата

Јапонската ракета Х3

Јапонија денеска успешно лансираше нова ракета Х3 од вселенскиот центар „Танегашима“ во префектурата Кагошима, една година по неуспешниот обид.

Ракетата Х3 влезе во орбитата и постави сателит и два функционални микросателити, објави Јапонската агенција за истражување на воздухопловството.

„Х3 конечно успеа, лансирањето беше успешно“, рече менаџерот на проектот за лансирање на ракетата Масаши Окада.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мис на Јапонија, родена во Украина, се соочува со критики


Јапонскиот премиер Фумио Кишида го поздрави успешното лансирање на ракетата од домашно производство, наведувајќи на платформата „Икс“ порано позната како Твитер, дека сака да им оддаде почит на напорите на сите луѓе кои учествуваа во проектот во претходните години, додавајќи дека се надева оти ќе продолжи напредокот во таа област.

За време на првиот обид за лансирање минатата година, погонскиот систем од втората фаза на ракетата не успеа да испука. Бидејќи мисијата немаше шанси за успех, ракетата се самоуништи неколку минути по полетувањето.

Х3 е наследник на доверливата ракета Х2A и прв јапонски нов развој на сопствена голема носач по околу 30 години, пишува новинската агенција Ројтерс. Х3 се смета за помоќен, поевтин и побезбеден од Х2A, кој треба постепено да биде укинат во 2024 година или почетокот на 2025 година.

Минатогодишниот неуспех дојде по серија одложувања во развојот на ракетата. Ракетата бр.2, која беше лансирана во саботата, имаше подобрен систем за палење по проблемите со претходната ракета.

Јапонија сака да ја искористи новата ракета Х3 за да добие посилна основа во профитабилниот и сè поконкурентен бизнис со лансирање сателити. Ракетата, која е во развој осум години, има за цел да испрати и беспилотен товарен транспортер до Меѓународната вселенска станица (ISS) како дел од програмата Артемис предводена од САД.