МВР ќе препорача при менување на возачките дозволи да не се плаќа ниту административната такса

Лична карта и возачка дозвола

Министерството за внатрешни работи преку соопштение информира дека возачките дозволи со старото име на државата кои и натаму се важечки, можат да се променат во името „Репбулика Северна Македонија“ до 31 декември 2024 година, без притоа на граѓаните да им се наплаќа пропишаната цена за тие обрасци, како што гласеше и во законските измени кои поминаа во Собранието во понеделникот по скратена постапка.

Сепак, од МВР информираа и дека иако замената на возачките дозволи нема да се наплаќа, сепак пропишана е административна такса која треба да се плати, но од ресорното министерство нагласија и дека во иднина ќе препорачаат ниту тој трошок повеќе да не падне на товар на граѓаните.

„За истите документи пропишанa е административнa таксa која се наплаќа, согласно Законот за административните такси кој се уште нема претрпено измени во тој дел. МВР ќе предложи измена на законот, се со цел и административната такса да не се наплаќа“, стои во соопштението на МВР.

Видете и ова: Пратениците ги изгласаа законските измени, возачките дозволи без „Северна“ ќе важат до 31 декември

На 12 февруари пратениците со 90 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ и без „воздржани“, Собранието по брза постапка ги изгласа измените во законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможи датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година.

Инаку на полноќ (12 февруари) истече преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која престануваат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата.

Од Министерството за надворешни работи информираа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.