Уставниот суд донел конечна одлука за платите на вработените во Министерството за финансии (МФ). Како што соопшти денеска претседателката на Судот, Добрила Кацарска, се работи за укинувачка одлука, а не за поништувачка, а тоа значи дека во иднина вработените нема да го земаат надополнувањето на платата и нема да ги вратат паричните средства што претходно ги добиле.
„Донесена е конечна одлука со која е укината оспорената одредба од законот. Се работи за укинувачка одлука, а не за поништувачка, што значи, во иднина вработените нема да го земаат тоа надополнување на плата, како што гласеше во Законот, и нема да ги вратат паричните средства што претходно ги добиле“, истакна Кацарска, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на поштенска марка по повод 60 години Уставен суд на Република Северна Македонија.
Пред неколку дена Синдикатот на Министерството за финансии при УПОЗ, најави протести и штрајкови доколку не се потпише колективен договор со кој, како што рекоа, сите вработени ќе може да го добијат надополнување на нивните плати од 30 отсто. Од Синдикатот на УПОЗ бараат рамноправност во вреднувањето на трудот, додавајќи дека со потпишувањето на колективниот договор трајно ќе се реши проблемот со платите.
Видете и ова:
Синдикатот на Министерство за финансии најави протести ако не се потпише колективен договорВо меѓувреме, Уставен суд оформил пет предмети поврзани со личните документи. Граѓани се жалеле дека имаат документи што имаат важност, но не можат да ги користат поради измените на законите. Не се знае кога овие предмети ќе се најдат на седница за разгледување.
„Мојот личен став како правник не би смеела да го кажам. И за дискриминација судот одлучува, но во самиот Устав е наведено за кој вид дискриминација би можеле да работиме. Во судот се оформени пет предмети, доставени се до судии известители и советник на судот. Во поглед кога тие предмети ќе бидат на седница, не можам да одговорам, тоа зависи од тимот. Не се мешам во работата на судиите. Се работи за пасошите, возачки, личните карти“, посочи Кацарска.
Според неа, Уставен суд не може да им помогне на граѓаните кои сметаат дека им е ускратена слободата на движење.
Промената на личните и патните исправи на македонските граѓани со новото име на државата е обврска од Преспанскиот договор кој беше потпишан во 2018 година и чиј рок истече на 12 февруари 2024 година.