Претседателот на Собранието ги распиша изборите и повика на фер изборен процес

Јован Митрески, претседател на Собранието на Република Северна Македонија

Претседателот на Собранието Јован Митрески на 14.2 ги распиша претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија, при што првиот круг од претседателските избори се закажани на 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.

„Верувам дека во изборниот период што претстои, сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија“, изјави Митрески во Собранието.

Република Северна Македонија, во последните изборни процеси, рече тој, покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи.

„Како држава воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата. Тоа е можност граѓаните со својот глас да ја определат својата иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува“, рече Митрески.

Изборите ќе ги организира техничката влада, на чело со техничкиот премиер Талат Џафери, која беше избрана на 28 јануари 2024, на 100 дена пред изборите.

Видете и ова: Распишувањето на изборите ќе го „отклучи“ Избирачкиот список


Согласно Изборниот законик, роковите за спроведување изборните дејства почнуваат да течат од денот на објавување на решението за распишување на изборите во „Службен весник“. Откако решението ќе биде објавено, треба да заседава Државната Изборна Комисија која ќе усвои роковници со што и официјално ќе почнат да течат изборните дејства.

Коалициите, кандидатските листи за пратеници и имињата на носителите во шестте изборни единици официјално се уште не се познати. Се очекува партиите да ги објават во текот март, додека на почетокот на април ќе започне кампањата. Она што е потврдено во досегашните јавни изјави на политичарите е оти во првата изборна единица која го опфаќа најголемиот дел од Скопје носители на листи ќе бидат лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица – Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев.

Официјални претставувања досега немаше ниту на претседателските кандидати од поголемите политички партии.

Видете и ова: Претседателот на Собранието Митрески треба да ги распише претседателските и парламентарните избори

Претседателот на Република Северна Македонија и пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори, со тајно гласање.

Согласно Изборниот законик, избор на претседател се врши на територијата на Северна Македонија и во дипломатско - конзуларните претставништва во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, како една изборна единица според мнозинскиот модел.

Во Собранието на Република Северна Македонија се избираат од 120 до 123 пратеници, од кои 120, пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на земјата е поделена на шест изборни единици утврдени со Изборниот законик и во секоја се избираат по 20 пратеници. Тројца пратеници се избираат според пропорционалниот модел во една изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија.

Претседателските избори ќе бидат седми по ред откако прв пат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994 година.

Парламентарните избори ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година.