Нов случај на мали сипаници (морбили) е регистриран кај возрасен човек од Нови Сад, кој бил вакциниран со една доза од вакцината, соопшти на 14 февруари Институтот на јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“.
Од вкупно четири случаи на морбили регистрирани досега во Србија, три се на територијата на Белград.
Првиот случај е пријавен на 8 февруари, кога, како што соопштија од институтот, била забележана семејна епидемија со две заболени лица - едно невакцинирано лице кое посетува средно училиште и едно возрасно лице за кое во медицинската евиденција имало информации дека како ја прележало болеста во детска возраст.
Од Институтот „Батут“ претходно за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека во Србија не се вакцинирани доволно деца против мали сипаници за да се создаде колективен имунитет, па постои можност да избие епидемија на оваа заразна болест, која се сметаше за искоренета.
За колективен имунитет, неопходно е опфатот со вакцинација да биде најмалку 95 проценти.
Според податоците на Институтот „Батут“ за 2022 година, опфатот на деца до две години во Србија вакцинирани со првата доза од МРП вакцината против морбили е 81,3 отсто, а пред уписот во прво одделение, опфатот со оваа вакцина е 89, 5 отсто.
Вакцината против мали сипаници се дава со комбинирана МРП (мали сипаници, рубеола, паротит) вакцина, во две дози. Првата доза е со навршени 12 месеци, а втората доза (ревакцинација) на 6 години, односно при почнување во основното образование.