Литванија и врачи протестна нота на Русија поради потерниците за политичари

Москва ја стави естонската премиерка Каја Калас на списокот на политичари за кои има потерница

Министерството за надворешни работи на Литванија му врачи дипломатска нота на претставникот на руската амбасада во Вилнус, откако Москва распиша потерница за литванскиот министер за култура Симонас Кајрис.

Во соопштението на Министерството се наведува дека нотата изразува „силен протест против незаконските дејствија против граѓаните на Литванија“ откако Москва ги „стави на потерница“ министерот и на други политичари поради отстранување на спомениците од советската ера.

Министерството на 14 февруари објави дека бара од Русија „запирање на политички мотивираниот прогон на литванските граѓани“.

Руското Министерство за надворешни работи ден претходно потврди дека на списокот е ставена естонската премиерка Каја Калас и десетици функционери од оваа и од други балтички земји.

Видете и ова: Белоруси и Руси прогласени за закана по националната безбедност во Литванија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Калас се бара поради „сквернавење на историската меморија“.

Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина пред речиси две години, Естонија, Латвија и Литванија почнаа да ги отстрануваат спомениците од советската ера.

Трите балтички држави беа анектирани од Советскиот Сојуз во 1940 година. Тие беа окупирани од нацистичка Германија пред повторно да паднат под власта на Москва до враќањето на независноста по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Сите три земји сега се членки на Европската Унија и НАТО и силно ја поддржуваат Украина по руската инвазија која започна пред речиси две години.