Киргистан објави текст од писмото на претседателот Садир Јапаров до американскиот државен секретар Ентони Блинкен, во кое лидерот на оваа централноазиска нација ги обвини САД дека се мешаат во внатрешните работи на неговата земја.
Министерството за надворешни работи на Киргистан на 9 февруари соопшти дека министерот Јенбек Кулубаев се сретнал со американскиот амбасадор во Киргистан, Лесли Вигуери и го предаде одговорот на Јапаров на писмото на Блинкен, во кое наводно се изразува загриженост поради тековните дискусии на киргистанските пратеници за контроверзниот закон кој би им овозможил на властите да регистрираат организација како „странски претставници“, закон за кој критичарите велат дека ги одразува репресивните руски закони за „странски агенти“.
„Со жалење констатирам дека содржината на вашето писмо има знаци на мешање во внатрешните работи на нашата земја“, се наведува во писмото на Јапаров, кое го објави неговиот портпарол Аскат Алагозов.
„Денес има десетици илјади невладини/непрофитни организации кои работат успешно низ Киргистан“, стои во писмото, каде се додава и дека постои „проблем директно поврзан со заштитата на легитимните интереси на киргистанската држава“.
Јапаров, исто така, напиша дека законот за кој станува збор е „близок до сегашниот Закон за регистрација на странски агенти (ФАРА) усвоен во САД во 1938 година“.
ФАРА се активира само кога субјект или поединец се вклучува во политичка активност во Соединетите Држави.
Видете и ова: Киргистан уапси државјанин, платеник на „Вагнер“ за учество во војната во УкраинаСпоред Јапаров, некои групи во неговата земја кои добиваат средства од странство „често шират лажни и неверодостојни информации“.
Во своето писмо Јапаров завршува со тоа што неговата земја е „подготвена да работи со САД“, додавајќи: „Единствено мое барање е да не се мешате во внатрешните работи на нашата земја“.
Минатиот месец, Комитетот за уставни закони на киргистанскиот парламент го одобри предметниот закон во своето прво читање. Се чека натамошна расправа за контроверзниот предлог-закон.
Според нацртот, некомерцијалните организации и медиуми кои добиваат странски средства и кои се занимаваат со широко дефинирани „политички“ активности ќе треба да известуваат за својата работа до надлежните органи. Законот, исто така, ќе воведе широки овластувања за надзор и потенцијални кривични санкции за недефинирани кривични дела.
Десетици невладини организации во Киргистан и меѓународни организации за права ги повикаа киргистанските пратеници да го отфрлат нацрт-законот, инсистирајќи дека властите би можеле да го искористат за да ги дискредитираат оние што се етикетирани како „странски претставници“ и да го задушат несогласувањето.