Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, изрази „длабока загриженост“ за најавеното проширување на израелската воена операција кон пограничкиот град Рафа во Појасот Газа.
Воената операција кон овој град ја најави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој смета дека „победата“ над Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ, не може да се постигне без уништување на неговите баталјони во Рафа.
„Ова може да доведе до хуманитарна катастрофа, имајќи го предвид фактот што поради затворената граница со Египет натамошното упатување кон југ е невозможно. Борбата против Хамас не го исклучува почитувањето на меѓународното и хуманитарно право. Цивилите треба да бидат целосно заштитени. Повикувам на итно враќање на преговорите, со што би се овозможило ослободување на заложниците и отворил патот кон изнаоѓање одржлив мир“, вели Османи во објавата на социјалната мрежа Фејсбук.
Видете и ова:
Нетанјаху ветува „безбеден премин“ за Палестинците пред операцијата во РафаВо Рафа се засолнети повеќе од половина од 2,4 милиони жители на Појасот Газа.
Нетанјаху, пред најавената операција вети „безбеден премин“ на цивилите раселени таму, откако израелските соседи и посредниците предупредија на катастрофа доколку Израел изврши копнена инвазија на градот.
Рафа е последниот поголем центар за населението на палестинската територија во кој израелската армија се уште не влегла, иако е бомбардиран речиси секојдневно.
Наредбата од Нетанјаху од петокот (9 февруари) до армијата да се подготви за операцијата предизвика загриженост кај светските лидери и хуманитарни групи, како и паника меѓу палестинското население.
Во израелските операции во Појасот Газа загинаа најмалку 28 064 луѓе, главно жени и деца, според тамошното Министерство за здравство под контрола на Хамас. Израел ја започна кампањата на крајбрежниот палестински брег откако екстремистите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел, при што, според израелските податоци, беа убиени околу 1 200 луѓе и киднапирани 250.