Протести и штрајкови најави Синдикатот на Министерството за финансии при УПОЗ, доколку не се потпише колективен договор. Ова беше кажано на денешната прес конференција на Синдикатот на УПОЗ.
„Бараме да ни се вратат дополнителните 30 отсто на плата што ни ги укина Уставниот суд. Му даваме рок на министерот да го потпише до распишувањето на изборите, доколку не го потпише ќе продолжиме после изборите со протести и штрајкови и нема да функционира Министерството за финансии. Нема да се работат експропријациите за Бехтел и Енка и нема да се исплаќаат плати за цела јавна и државна администрација“, рече Даниел Михајловски, претседател на Синдикална организација на Министерството за финансии при УПОЗ.
Тој додаде дека бараат рамноправност во вреднувањето на трудот, додавајќи дека со потпишувањето на колективниот договор трајно ќе се реши проблемот со платите.
Видете и ова:
Можно затворање на трезорот, ако престане надополнувањето на платите за 30 отсто на вработените во финансииБојан Трипуноски, генерален секретар на синдикатот на УПОЗ, потсети дека бараат решавање на проблемите со кои се соочуваат вработените во Министерството за финансии, Управата за имотно правни работи и Бирото за јавни набавки.
„Решивме денес пред вас и пред очите на јавноста до министерот да доставиме колективен договор и да го повикаме да го потпише најдоцна до понеделник 12.02.2024 година“, изјави Трипуноски.
Потпишувањето, нагласи тој, е единственото правично и праведно решение, со кое повторно сите вработени ќе може да добијат надополнување на нивните плати. Тоа, подвлече, претставува едноставно решение, бидејќи средствата за исплата на надополнување се обезбедени и се наоѓаат на сметката на Министерството за финансии.
Бидејќи Уставниот суд ја укина одредбата од членот 66 став 3 од Законот за буџетите, додаде Трипуновски, во овој момент, нагласи, не постои никаква пречка за склучување на овој колективен договор.