Со 65 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани, Собранието за судија на Уставниот суд ја избра Ана Павловска-Данева, професорка на Правниот факултет на Универзитетот во Скопје.
По гласањето на денешната собраниска седница(8.2) таа ја потпиша свечената изјава дека функцијата ќе ја извршува одговорно и со почитување на законите и Уставот.
Видете и ова: Избор на нов државен обвинител и уставен судија на дневен ред на собраниска седница
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против предлогот на владејачкото мнозинство затоа што, не спорејќи ја нејзината стручност и дека е истакнат правник, сметаат дека со нејзиниот избор ќе се партизира Уставниот суд затоа што Павловска-Данева била и истакнат партиски функционер на СДСМ. Прашаа дали ќе биде независна од влијанието на СДСМ како некогашен пратеник и потпретседател на таа партија и дали како уставен судија ќе работи согласно Уставот и правдата или ќе биде послушник на власта.
Според пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, номинацијата на Павловска-Данева е „навреда за чесните правници кои на крајот на кариерата се оневозможени да се кандидираат за уставен судија“.
„Како да дискутираме за лице кое не дошло да се претстави пред нас? Дали ќе има партиско влијание ако некој опори закон пред Уставен суд? Дали ќе може да разграничи што е партиско што е професионално? Каков ќе биде нејзиниот однос кон наметната претседателка на Судот, Кацарска, касапот на македонското судство, која стана тоа зашто успешно монтираше судски процеси и се изучува како негативен пример на универзитети во светот“, рече Ковачки.
Ковачки праша и зошто СДСМ се откажале од претходниот предлог - Љубомир Јовевски да биде кандидат за уставен судија и дали биле искрени кога го предложиле или кога ја повлекле кандидатурата.
Жаклина Лазаревска, пратеничка од СДСМ, им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не забораваат како во време на нивното владеење се избирале судии.
„Од некои тефтерчиња... и се уште на власт има „сваровски“ судии. Парот Маневски одредуваше кои ќе бидат судии и обвинители. Тоа ќе го вратите назад? Прво да видиме какви сме ние, па да дискутираме какви се другите“, рече Лазаревска.
На забелешката од опозицијата дека била пратеник на СДСМ во Собранието, Калеска-Ванчева одговори „супер би било кога секој уставен судија би поминал низ овие клупи“.
Ана Павловска Данева беше предложена откако СДСМ го повлече предлогот за поранешниот државен јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој беше предложен за уставен судија предречиси две години. Уставиот суд подолго време работеше по нецелосен состав, а изборот на Павловска Данева, би го пополнил последното празно место во Судот.