Сојузот на здруженија на дијабетичари алармира дека повторно има недостиг на инсулин. Од Сојузот велат дека за овој проблем се обратиле до Министерството за здравство од каде што им било одговорено дека заради ревидирање на количините на „ризодег“ согласно количините предивидени во реализација на тековниот тендер, се делат само останати количини по бројка.
„За жал, повторно ни се случува недостиг на инсулин, за што поставивме прашање до Министерството за здравство и добивме официјален одговор дека заради реевидирање на количините на „ризодег“ согласно количините предвидени во реализација на тековниот тендер, се делат само останати количини по бројка. За сите други пациенти треба да се консултираат со своите специјалисти – еднокринолози/дијабетолози и заеднички да направат вистински избор за замена на инсулинска терапија“, соопштија од СЗДСМ.
Видете и ова: Тендерите врват, дијабетичарите страдаат
Од Сојузот информираат дека се појавува недостиг на терапија „оземпик“ и „рибелсус“.
„Побаравме информација од Министерството за здравство за чиј одговор, во моментов не мислиме дека е реален и продолживме со консултација со компаниите. Нашите информации говорат дека има терапија, за сите постојни пациенти до потпишувањето на договоорот за набвака и планираните дополнителни количини, но за жал не сите ја добиваме континуирано и навремено. Затоа ќе споделиме дополнителен став за состојбата со овие терапии“, велат од Сојузот на дијабетичари.
Оттаму додаваат дека моменталната состојба само ги потврдува нивните долгогодишни барања за промени во моделот на достапност на терпија и помагала со отворен пазар и воведување на референтни цени. Од СЗДСМ апелираат на сериозност и транспарентност од Министерството за здравство во навременото споделување информации во тековниот период.
Пациентите со дијабетес неколку пати повторуваа дека минатата година била можеби најтешката за нив, поради тоа што немало редовна терапија и не беа сигурни во квалитетот на глукометрите и лентите што ги набавува државата.