Владата го испрати во Собрание Законот за рестриктивни мерки

Министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Владата ги потврди и прати до Собранието измените на Законот за рестриктивни мерки, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Со законот е предвидено проширување на неговите цели и во него се додава: „борба против корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани врз државата“.

Османи рече дека со тоа се проширува основата на законот со додавање на правните акти на САД и Обединетото Кралство и дека се прошируваат инструментите со две привремени мерки за обезбедување: забрана за кандидирање и вршење на јавна функција и учество во јавни набавки за правни лица.

„Со измените на Законот што денес ги потврдивме на Влада прво го прошируваме основот. Не се само резолуциите на Советот за безбедност и правните акти на ЕУ, туку и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство се основа за воведување на рестриктивни мерки од страна на Владата и по однос на корупција, злоупотреба на службена должност, како и хибридни закани“, изјави Османи.

Видете и ова:

Измените на Законот за рестриктивни мерки ќе чекаат одобрување од техничката влада

Измените на овој закон Владата на 16 јануари годинава едногласно со консензус изрази политичка волја да ги достави до Собранието, а со кои се предивидува правните акти на САД и Обединетото Кралство да бидат валидна основа за ставање на лица или компании на домашниот список на санкции.

Османи објасни дека Законот за рестриктивни мерки е под надлежност на Министерството за надворешни работи (МНР) и има за цел дефинирање на начините за воведување, изменување и престанување на рестриктивните мерки.

Преку овој закон Владата ќе постигне стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, рече Османи додавајќи дека постојното законско решение било ограничено во неколку работи.

„Од претходните забрана за влез, ембарго, финансиски мерки, додаваме и две привремени мерки за обезбедување“, рече Османи.

Во однос на дилемите дали Владата може да воведе рестриктивни мерки, пред носење на правосилна судска одлука, Османи рече дека целото усогласување е направено со Министерството за правда и Секретаријатот за законодавство.

Видете и ова:

Грковска: Се надевам дека црната листа на САД ќе продолжи да се дополнува

Според Османи, по добиена информација дека има правен акт од САД, Обединетото Кралство, ЕУ, предлагачот - а тоа е МНР, Јавното обвинителство и другите агенции за национална безбедност и финансиски истраги имаат можност да предлагаат до Владата донесување на рестриктивни мерки.

„По носење на рестриктивните мерки Владата иницира задолжително до ЈО, односно го задолжува предлагачот да ги собере сите информации и факти коишто може да ги обезбеди и достави до ЈО, кое е должно веднаш да отвори процедура согласно Законот за кривична постапка“, изјави Османи.

Согласно овој Закон, нагласи Османи, јавниот обвинител е должен до Судот да бара веднаш привремени мерки за обезбедување.

Дополнително, посочи Османи, ќе биде потребно и адаптирање на други закони согласно сите аспекти што ги регулира овој закон. Според Османи, по кратка постапка, ќе треба да бидат адаптирани и Законот за кривична постапка и Законот за јавни набавки.