Ракот на британскиот крал Чарлс Трети беше дијагностициран навреме и целата земја се надева дека тој целосно ќе закрепне, изјави премиерот Риши Сунак на 6 февруари, додека 75-годишниот монарх доби пораки за поддршка од светските лидери.
Бакингемската палата претходно објави дека Чарлс, кој е на тронот помалку од 18 месеци од смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета, боледува од рак и ќе ги одложи јавните ангажмани за да се лекува.
Како што јави Ројтерс, палатата соопшти дека монархот е „целосно позитивен“ и дека со нетрпение очекува да се врати на своите должности штом ќе се создадат услови.
Помладиот син на Чарлс, принцот Хари, кој се оддалечи од кралското семејство, наскоро треба да дојде во Британија, а се очекува некои од должностите на монархот да ги преземе престолонаследникот Вилијам.
Видете и ова: Бакингемска палата: На кралот Чарлс Трети му е дијагностициран ракСунак рече дека е шокиран и тажен од веста за болеста на кралот.
„Нашите мисли се со него и неговото семејство. За среќа, ракот беше рано дијагностициран“, изјави тој за радио Би-Би-Си.
Чарлс планира да продолжи со голем дел од своите должности, вклучително и неделна аудиенција со премиерот и справување со државните документи, а Сунак рече дека е во редовен контакт со кралот.
„Тоа, се разбира, ќе продолжи со вообичаеното темпо“, додаде Сунак.
Чарс ја поминал ноќта во својот дом во близина на Бакингемската палата, откако започнал серија амбулантски третмани.
Неговиот карцином бил откриен откако тој поминал три ноќи во болница во јануари каде бил подложен на корективна операција за бенигно зголемена простата. Освен што потврдија дека не се работи за рак на простата, палатата не соопшти дополнителни детали.
Британското кралско семејство обично ги чува медицинските прашања приватно, но палатата соопшти дека Чарлс одлучил да излезе во јавност бидејќи е покровител на голем број добротворни организации поврзани со ракот.
Видете и ова: Данската кралица изненади со најава дека се повлекува од престолотКралот ќе добие стручна грижа и, како што пренесува Ројтерс, неговата дијагноза ќе го привлече вниманието на растечкото време на чекање за откривање рак во Британија од страна на Националната здравствена служба (НХС).
Извештајот на НХС објавен во јануари покажа дека стапките на преживување од рак во Британија заостануваат зад оние во другите европски земји за девет од десетте најчести типови на болеста.
Веста за изненадувачката дијагноза, која доминираше во британските медиуми откако беше откриена, претставува уште еден личен удар за Чарлс откако го презеде тронот.
На почетокот на минатата година, Хари ја објави својата автобиографија „Резерва“, во која дава осудувачки изјави за својот татко и за постариот брат. Чарлс, исто така, мораше да се бори со континуираните обвинувања против неговиот брат принцот Ендру поврзан со починатиот сексуален престапник Џефри Епштајн.