Бакингемска палата: На кралот Чарлс Трети му е дијагностициран рак

Британскиот крал Чарлс Трети (Илустративна фотографија)

На британскиот крал Чарлс Трети му бил дијагностициран рак, објави во понеделникот Бакингемската палата.

Ракот бил откриен кога неодамна се лекувал поради проблеми со простата, иако не станува збор за рак на простатата, објави Би-Би-Си.

Сепак не беше објавено за каков вид на рак се работи, а според соопштението на палатата, кралот почнал со „редовни третмани“ во понеделникот.

Бакингемската палата соопшти дека кралот „останува целосно позитивен во однос на неговиот третман и со нетрпение очекува да се врати во целосна јавна должност што е можно поскоро“.

Чарлс Трети ќе ги одложи јавните ангажмани и се очекува другите членови на кралското семејство да му помогнат за време на неговото лекување. Не беа објавени детали за стадиумот или прогнозата на ракот.

Видете и ова: Пендаровски присуствуваше на крунисувањето на кралот Чарлс Трети

Иако ќе паузира од јавните настапи, британскиот крал (75) ќе продолжи да ја извршува својата уставна улога на шеф на државата, јави Би-Би-Си.

Во неделата, тој беше виден на богослужба во Сандрингем, каде што се поздрави со толпата.

Пред повеќе од една недела тој се лекуваше од поради компликации со простатата во приватна болница во Лондон.

Кралот Чарлс Трети одлучи да излезе во јавноста со својот третман за простата за да поттикне повеќе мажи да направат прегледи на простата, соопшти Бакингемската палата.