Дваесет и осум лица загинаа во пекара во украинските напади на Лисичанск

Вработените во руското Министерство за вонредни состојби работат покрај урната пекара по нападот на украинските војници.

Бројот на загинати во пекара во украинскиот напад врз окупираниот град Лисичанск во источна Украина се искачи на 28 лица, меѓу кои и едно дете, соопштија во неделата руски извори.

Московските окупациски сили во саботата соопштија дека цел на Киев била пекара популарна за време на викендите, речиси две години по почетокот на руската офанзива врз Украина.

Фронтот во источна Украина едвај се поместува со месеци, но битките се уште се крвави, со засилени напади оваа зима од двете страни, потсетува АФП.

„Продолжуваат операциите за пребарување на местото на урнатата пекара... Загинаа 28 лица, меѓу кои и едно дете“, објави руското Министерство за вонредни ситуации на Телеграм.

Спасувачите досега извлекле 10 лица од урнатините, соопшти министерството.

Видете и ова:

Полскиот претседател не е сигурен дали Украина ќе може да го врати Крим

Министерството објави видео од спасувачите кои во мрак ги пребаруваат урнатините, каде пронашле тело и повредена жена.

Властите назначени од Москва соопштија дека еден ранет маж бил пренесен во болница во градот Луганск во „тешка состојба“.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека во нападот било употребено западно оружје и дека очекува „брза и безусловна осуда“ од меѓународните организации.

Лисичанск, град во областа Луганск, кој имаше околу 110.000 жители пред офанзивата на Москва, падна во рацете на руските сили по битката во летото 2022 година.