Напади на Израел врз Газа, Блинкен најави нова посета на Блискиот Исток

Раселени луѓе во импровизиран шаторски камп во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа на 2 февруари 2024 година.

Воздушни напади и тенковски оган го потресоа Кан Јунис во Газа во текот на ноќта и денот на 3 февруари, јавува агенцијата Франс Прес од јужниот град на Газа, кој беше во фокусот на израелската офанзива.

Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, соопшти дека повеќе од 100 луѓе, главно жени и деца, биле убиени на палестинска територија во текот на ноќта.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили убиле „десетици терористи“ во северниот и централниот дел на Газа во последните 24 часа. Стотици илјади од 2,4 милиони жители на Газа, раселени поради жестоки борби, побегнаа на југ во Рафах по избувнувањето на војната, а нивните шатори беа поставени покрај улиците и парковите. Градот во кој некогаш живееле 200.000 луѓе, сега е домаќин на повеќе од половина од населението на Газа, соопштија Обединетите нации.

Цивилите кои побегнаа во Рафах се наоѓаат долж границата со Египет обидувајќи се да избегнат делови од градот изложени на борби во блискиот Кан Јунис.

Видете и ова: Алжир предложи нова нацрт резолуција за итен прекин на огнот во Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повторно ќе отпатува на Блискиот Исток во наредните денови за да промовира нов предлог кој вклучува ослободување на израелските заложници во замена за пауза во борбите, соопшти Стејт департментот.

Војната во Газа започна со нападот без преседан на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој резултираше со смрт на околу 1.160 луѓе, главно цивили.

Екстремистите на Хамас зедоа и околу 250 заложници, а Израел соопшти дека 132 остануваат во Газа, вклучително и најмалку 27 за кои се верува дека се убиени. Израел загуби 224 војници од почетокот на копнените операции во Газа кон крајот на октомври, според воените податоци.