Борел предупреди на опасноста од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток

Жозеп Борел пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, 3 февруари 2024 година.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел, на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел предупреди за можноста за понатамошна ескалација на тензиите на Блискиот Исток по одмаздничките американски напади врз проиранските милиции во Ирак и Сирија.

„Блискиот исток е котел што може да експлодира во секој момент. И не треба да ги заборавиме нападите на либанската граница, север и југ, нападите во Сирија, нападите во Ирак и оние во Црвеното Море“, рече Борел во саботата.

Во исто време, тој мислеше на американската одмазда за нападите на Хутите и членовите на другите милиции, кои се поддржани од Иран во регионот.

„Затоа одлучивме за поморска мисија и затоа ги повикуваме сите страни да се обидат да избегнат ескалација на конфликтот“, рече Борел на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Видете и ова: Ирак предупреди на „катастрофални последици“ за регионот по американскиот напад

Тој алудираше на договорената воена операција чија цел е да се гарантира пловидбата на трговските бродови во Црвеното Море и да се запрат нападите на Хутите врз бродовите од Јемен.

Борел ги повика сите страни да се обидат да избегнат ескалација на конфликтот, неколку дена по нападот на американските војници во Јордан.

Во текот на ноќта американските воздухопловни сили одговорија на тој напад со контранапад на десетици цели во Иран и Сирија.

Беа нападнати командни центри, разузнавачки локации и складишта за оружје за кои се верува дека ги користи иранската револуционерна гарда.

„Последниве недели бевме сведоци на напади врз американски бази. Таму животите ги загубија бројни американски граѓани. Тоа беше неодговорно“, коментираше германската државна министерка за Европа, Ана Лирман на министерскиот состанок.

Таа објасни дека Вашингтон реагирал за да спречи понатамошни напади и рече дека САД јасно ставиле до знаење дека не сакаат ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.