Германија ќе го легализира канабисот од 1 април

Илустрација, полиња со канабис

Германија планира да го легализира канабисот од април по долгите расправии меѓу владејачките партии околу финалните детали и здравствената заштита, јави агенцијата ДПА.

„Законот на тој начин може да стапи на сила на 1 април“, рекоа заменик-челниците на парламентарните групи на социјалдемократите, Партијата на зелените и про-бизнис партијата Слободните демократи, по последната рунда разговори.

„Прописите се вистинска пресвртница за модерна политика за дроги, која ја зајакнува превенцијата и ја подобрува заштитата на здравјето, децата и младите“, изјавија тие.

Возрасните ќе можат да одгледуваат канабис дома и да поседуваат мали количини.

Од 1 јули на клубовите ќе им биде дозволено заедничко одгледување.

Германската Влада во август 2023 година одобри план за либерализација на правилата за канабис. Тоа се смета за прв чекор на германската влада кон декриминализирање на поседувањето ограничени количини канабис и овозможува членовите на „канабис клубот“ да го купуваат за рекреативни цели.

Видете и ова:

Германската Влада го одобри првиот чекор за декриминализирање на канабис

Според предлогот што тогаш го објави министерот за здравство Карл Лаутербах, ќе се легализира поседувањето до 25 грама канабис за рекреативни цели, а поединците ќе можат сами да одгледуваат до три растенија.

Според владиниот предлог, на Германците над 18 години ќе им биде дозволено да се приклучуваат на непрофитни „клубови за канабис“, од кои секој ќе може да има најмногу 500 членови, а повеќекратните членства во клубови ќе бидат забранети. Тие клубови ќе можат да одгледуваат канабис за личните потреби на своите членови.

Германските власти се надеваат дека планот ќе помогне во сузбивање на црниот пазар, заштита на потрошувачите од контаминирани производи и намалување на криминалот поврзан со дрога.