ЕУ бара од Косово доволно долга транзиција за укинување на динарот

Илустрација

Европската унија (ЕУ) побара од Косово да обезбеди доволно долг транзициски период и да најде решение за укинување на динарот во рамките на дијалогот за нормализација на односите.

„Краткиот преоден период за спроведување на регулативата, во комбинација со недостатокот на информации и практични решенија за сите засегнати заедници, ризикува сериозно да ги комплицира животите на косовските Срби“, се оценува во соопштението објавено од портпаролот на ЕУ.

Косово најави дека од денеска, на 1 февруари, треба да стапи на сила уредбата на Централната банка на Косово (ЦБК) со која се предвидува дека за плаќање ќе се користат само евра, со што се прекинува користењето на српскиот динар.

Меѓународната заедница побара Косово да го одложи спроведувањето на оваа одлука, наведувајќи ја загриженоста дека таа може да има негативно влијание врз косовските Срби.

Владата на Косово најави дека спроведувањето на регулативата за готовинско работење ќе се одвива преку лесна транзиција.

Видете и ова:

Стапува на сила одлуката на Централната банка на Косово за плаќање во евра

Оваа одлука ја зголеми загриженоста на Србите во Косово, кои од Србија примаат плати и пензии во динари, но и ја користат оваа валута за купување и продавање.

Во изјавата на портпаролот на ЕУ се потврдува дека регулативата има за цел да ја подобри транспарентноста на финансиските текови, да обезбеди финансиска стабилност и да се бори против перењето пари и фалсификувањето. Се додава дека, сепак, декретот ќе влијае и на финансиската поддршка што косовските Срби ја добиваат од Србија.

„ЕУ е загрижена за последиците што оваа одлука може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници низ Косово поради отсуството на претходни консултации, особено нејзиното влијание врз училиштата и болниците, со оглед на очигледното отсуство на алтернативи во овој момент“, се вели во соопштението.

Во писмената изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ), Народната банка на Србија (НБС) исто така повика на повлекување на регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК).

„Народната банка на Србија смета дека е неопходно без одлагање да се стават надвор од сила дискриминаторските, незаконски и безобразни мерки“, наведуваат тие.

Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими во средата (31 јануари) рече дека владата ќе започне кампања за информирање на граѓаните за оваа регулатива, додавајќи дека се надева оти ќе има разговори меѓу централните банки на Косово и Србија за да се најде механизам за транспарентен трансфер на пари.

Владата на Косово соопшти дека на сите комерцијални банки во земјата им е наложено да отворат филијали на северот од Косово, каде што има општини каде Србите се мнозинство, додека ЦБК ги обврзала на корисниците да им обезбедуваат основни сметки без трошоци.