Судот на ОН: Москва прекршила делови од договорот во случајот „тероризам“ меѓу Украина и Русија

Зградата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Холандија, на 11 јануари 2024 година.

Меѓународниот суд на правдата денеска пресуди дека Русија прекршила делови од антитерористичкиот договор на Обединетите нации, со тоа што не ја истражила финансиската поддршка на сепаратистичките групи во источна Украина во 2014 година.

Сепак, највисокиот суд на ОН не и нареди на Русија да ѝ плати компензација на Украина, што беше барање на Киев.

Исто така, судот не пресуди посебно за сомневањата дека Русија е одговорна за соборувањето на авионот на Малезија ерлајнс над источна Украина на 17 јули 2014 година, како што побара Киев.

Видете и ова:

Највисокиот суд на ОН одлучува за случајот „тероризам“ меѓу Украина и Русија

Киев ја обвини Русија дека е „терористичка држава“ чија поддршка за проруските сепаратисти во источна Украина претходеше на целосната инвазија на Москва врз Украина во 2022 година.

Украина побара од Русија да им плати отштета на сите цивили кои учествуваа во конфликтот, како и на жртвите од авионот на Малезија ерлајнс.

Русија негира вмешаност во соборувањето на патничкиот авион.

Меѓутоа, меѓународната истрага предводена од Холандија заклучи дека авионот бил соборен од руски ракетен фрлач Бук, кој бил поставен на територија под контрола на сепаратистите.

Украинските вооружени сили се борат со сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина во конфликт во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе од април 2014 година.