Тајни израелски агенти, некои преправени како медицински персонал, упаднаа во болница на Западниот Брег во вторник (30 јануари) и убија тројца Палестинци за кои армијата рече дека се милитанти на Хамас.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека израелските сили отвориле оган во одделението на болницата Ибн Сина во градот Џенин. Министерството го осуди нападот и ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз израелската армија да ги прекине таквите операции во болниците.
Израелската војска соопшти дека милитантите ја користат болницата како засолниште и дека еден од убиените во нападот им предал оружје и муниција на други за планираниот напад, наводно инспириран од нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.
Војската не обезбеди докази за поддршка на тоа тврдење. Оттаму додаваат дека припадниците на израелската армија влегле во болницата, главната здравствена установа за Џенин, и во блискиот бегалски камп, со цел да нападнат „терористичка ќелија на Хамас“.
Снимката, за која се вели дека е од болницата, покажува повеќе вооружени мажи и жени, облечени во медицински униформи или цивилна облека, како се движат низ болничките одделенија.
Видете и ова: Нетанјаху најави борба до целосна победа по смртта на израелските војнициДиректорот на болницата Наџи Назал за АФП изјави дека „група израелски сили влегле во објектот тајно и ги убиле мажите“, користејќи пригушувачко оружје.
Официјалната палестинска новинска агенција Вафа соопшти дека се убиени Мухамед Џаламна, Мухамед Ајман Газави и Базел Ајман Газави.
Израелската војска тврди дека Џаламна е „терорист“ од милитантната група Хамас кој се криел во болница. Заедно со него се „неутрализирани“ уште двајца „терористи“ кои исто така се криеле внатре“, додаде армијата.
Армијата додаде дека Џаламна бил „инспириран“ од нападите на Хамас во јужен Израел на 7 октомври и дека „планирал да изврши терористички напад во блиска иднина и ја користел болницата како скривалиште и дека затоа бил неутрализиран“.
Израел, кој го држи Западниот Брег под окупација од арапско-израелската војна во 1967 година, ги засили своите упади во палестинските градови по 7 октомври. Џенин беше во фокусот на израелските напади, во кои војската уриваше куќи и уништуваше улици, но изврши и воздушни напади.
Откако нападите на 7 октомври предизвикаа војна меѓу Израел и Хамас, повеќе од 370 луѓе се убиени од израелски војници и доселеници на Западниот Брег, соопшти Министерството за здравство во Рамала.