Пакистанскиот суд во вторник (30 јануари) ги осуди поранешниот премиер Имран Кан и еден од неговите партиски заменици на по 10 години затвор, откако ги прогласи за виновни за оддавање службена тајна.
Портпаролот на партијата на Кан, Техрик-е-Инсаф рече дека судот ја објавил пресудата во затвор во градот Равалпинди, каде што поранешниот премиер, соборен со гласање за доверба во парламентот во април 2022 година, отслужува тригодишна затворска казна за корупција.
Новата пресуда беше објавена пред парламентарните избори во Пакистан на 8 февруари, на кои на Кан му беше забрането да се кандидира поради претходна пресуда.
Видете и ова:
Судот во Пакистан нареди повторно судење на експремиерот КанВластите велат дека Кан и неговиот заменик и поранешен министер за надворешни работи, Шах Махмуд Куреши, кој исто така доби 10-годишна затворска казна, имаат право да поднесат жалба на пресудата во случајот познат како „Шифра“, кој се однесува на тоа како двајцата постапувале со депеша испратени од пакистанскиот амбасадор во САД со наводи дека Вашингтон бил соучесник во заговорот за отстранување на Кан од функцијата во 2022 година.
Иако Кан нема да биде на гласачкото ливче на изборите во февруари, тој останува моќна политичка сила благодарение на неговите следбеници и реториката против естаблишментот. Кан вели дека судската постапка против него е заговор за да се спречи неговото учество на изборите.
Пакистанската независна комисија за човекови права соопшти дека има мали шанси изборите следниот месец да бидат слободни и фер. Таа, исто така, изрази загриженост поради одлуката на властите да ја блокираат кандидатурата на Кан и други истакнати политичари од неговата партија.