Уставниот суд на Албанија го одобри договорот со Италија за барателите на азил

Мигранти (Илустративна фотографија)

Уставниот суд на Албанија во понеделникот пресуди во корист на контроверзниот договор што владата го потпиша со Италија за два центри за сместување на мигранти додека тие се во процес на барање азил во Италија. Договорот беше критикуван од опозициските партии во двете земји, како и од групите за човекови права, што доведе до жалба до највисокиот албански суд.

„Договорот не му штети на територијалниот интегритет на Албанија“, се наведува во соопштението на судот.

Пресудата доаѓа неколку дена откако италијанските пратеници гласаа за договорот, кој во Долниот дом на парламентот беше поддржан од 155 пратеници, додека 115 беа против, а двајца беа воздржани.

Текстот на договорот сега оди во Сенатот, каде исто така се очекува да биде одобрен.

Договорот овозможува формирање на два центри на северот на Албанија, каде што мигрантите ќе бараат азил, како и објект во истиот регион за сместување на оние кои чекаат одговор на нивните барања.

Според официјалните проценки, овие два центри - со кои ќе управува Италија - би можеле да примат до 3.000 мигранти месечно. Нивната цена се проценува на повеќе од 650 милиони евра во текот на петгодишното времетраење на договорот.

Италија целосно би ги покривала трошоците за изградба на двата центри и потребната инфраструктура, како и трошоците поврзани со безбедноста и медицинската нега на барателите на азил, велат албанските власти.

Видете и ова:

Планот на Мелони за испраќање мигранти во Албанија - решение или нов проблем за ЕУ?

Албанската десничарска опозиција го критикуваше премиерот Еди Рама за наводниот недостаток на транспарентност во врска со договорот, нарекувајќи го договорот „неодговорен и опасен чин за националната безбедност“.

Невладината организација Меѓународен комитет за спасување го осуди договорот како „дехуманизирачки“, додека Амнести интернешенел го нарече „незаконски и неприменлив“.

Албанските власти соопштија дека договорот е во согласност со претходните договори потпишани со Италија, како и со меѓународните закони за барателите на азил и уставот на земјата.

Италијанскиот премиер Џорџија Мелони, која ја предводи екстремно десничарската партија „Браќа на Италија“, беше избрана на функцијата кон крајот на 2022 година, откако вети дека ќе ги спречи чамците со мигранти да пристигнуваат на италијанските брегови од Северна Африка.

Меѓутоа, откако таа дојде на власт, бројот на пристигнати мигранти се зголеми - од околу 105.000 во 2022 година на речиси 158.000 во 2023 година, според официјалните податоци.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека договорот е гест на „солидарност“ со Италија, која ги отвори вратите за илјадници Албанци по падот на комунистичкиот режим во раните 1990-ти.