Џафери: Ќе бидат ангажирани сите страни за соодветно решение за наставата во Чашка

Талат Џафери

Техничкиот премиер кој денеска стапи на должност Талат Џафери, во однос на протестите поради одлуката за формирање на паралелка на албански јазик во училиште во Чашка, посочи дека во овој момент не може да каже што конкретно ќе преземе, но дека секој има право на она што му е пропишано во законот.

Тој посочи дека ќе бидат вклучени и ангажирани сите страни и сите надлежности кои се во владата ќе се извршат, за да се најде соодветно решение.

„Во овој момент не може да се каже конкретно што би можело да се преземе од моја страна како премиер кој сега стапува на должност. Но, имајќи ги предвид сите аспекти и законите во Уставот, секој има право на она што му е пропишано и дозволено во законот и секој има обврска да ги спроведе своите надлежности. По однос на ова прашање, ќе бидат вклучени и ангажирани сите страни и сите надлежности кои се во владата ќе се извршат, за да се спроведе правото, рече Џафери во одговор на новинарско прашање, за време на денешната заедничка прес-конференција со поранешниот премиер Димитар Ковачевски, по примопредавањето на функцијата во Владата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Турканици пред основното училиште во Чашка

Во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка нема настава од 22 ноември, кога родителите почнаа да протестираат, а учениците да губат часови.

Но, проблемот почна од август 2023, кога Министерството за образование и наука(МОН) му ги одзеде ингеренциите врз училиштето на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски и Министерството за образование наложи да се отвори паралелка на албански јазик за неколку првачиња.

Според родителите Македонци - министерот за образование Јетон Шаќири насилно и притивзаконски сака да отвори албанска паралелка во училиште според чиј Статут наставата се одвива на македонски јазик, иако има и други училишта во околината во кои наставата е на албански јазик. Според родителите Албанци, тие имаат уставно право да учат на мајчин јазик.

Советот на родители предложи наставата за првачињата на албански да се префрли во село Сливник, опција што Министерството за образование не ја прифати.

Неодамна незадоволните родители повторно протестираа, блокирајќи ги приодите кон општината, на две места пред галеријата на железничката пруга на влезот во Чашка и на мостот на Тополка во правец на селата Отиштино и Горно Оризари.