Денеска седница во Собранието за избор на техничка влада

Талат Џафери, мандатар за состав на техничката влада на Република Северна Македонија

Собранието на Северна Македонија денеска ќе одржи седница со единствена точка на дневниот ред - избор на техничка влада, која се формира на сто дена пред парламентарните избори закажани на 8 мај.

Собранието ја избира техничката влада со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Гласањето треба да заврши до полноќ.

Видете и ова: Закажана седницата за избор на техничка влада, Џафери ги достави програмата и предлозите за министри

Мандатарот Талат Џафери вчера ја достави програмата и Предлог-составот на новата влада.

Во програмата пишува дека приоритет на оваа влада ќе бидат успешно организирање на слободни, фер и демократски избори, продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард, намалување на инфлацијата, владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа....

Според Изборниот законик и Законот за Влада, во преодните или технички влади има министри од владејачкото мнозинство и најголемата опозициска партија. Техничката влада функционира се до избор на нова влада.

Во Предлог - составот на преодната влада што Џафери го достави до Собранието предлага прв заменик премиер на владата и вицепремиер за европски прашања да биде Бојан Маричиќ, додека Артан Груби - министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е предложен за министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски за предлог за министер за труд и социјална политика.

СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменилка министерка во труд и социјална политика.

ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик– министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Видете и ова: Техничка влада во последен момент - зошто непотребни тензии?

Преодната влада ќе функционира до изборот на новата влада.

Ова е трета преодна или техничка влада по 2016 година. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.

На 8 мај покрај на парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април.