Судот во Москва денеска (26 јануари) ја отфрли жалбата на новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович да му биде укинат притворот за обвиненијата за шпионажа.
„Притворот на Еван Гершкович ќе биде продолжен за два месеци, до 30 март“, соопштија од судот преку соопштение на Телеграм.
Судското рочиште се одржа зад затворени врати поради, како што судот го нарече „доверливиот“ карактер на случајот.
Гершкович беше приведен во март 2023 година додека бил на службен пат во рускиот град Екатеринбург. Тој беше ставен во истражен притвор во московскиот затвор Лефортово, озлогласена институција која датира од времето на царството. Се смета за симбол на советската репресија и место каде Русија држи најмногу осомничени во случаи на шпионажа.
Видете и ова: Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева 100 дена во руски притвор: „Сè помалку е подносливо“Тој е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа од крајот на Студената војна и се соочува со затворска казна до 20 години доколку биде прогласен за виновен. Тој и Волстрит журнал жестоко ги отфрлаат обвинувањата.
Неговото апсење во градот Екатеринбург ги вознемири новинарите во Русија бидејќи властите не кажаа какви докази собрале за да ги поддржат обвиненијата за шпионажа.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) за време на апсењето на новинарот во март објави дека отворила случај за шпионажа против Гершкович за собирање, на како што рече, државни тајни за воено-индустрискиот комплекс во уралскиот град Екатеринбург.
Кремљ објави дека Гершкович шпионирал „под превезот“ на новинарството.
Гершкович известуваше за Русија повеќе од пет години кога го уапсија. Тој течно зборува руски и е син на емигранти кои го напуштиле Советскиот Сојуз во Соединетите Држави за време на Студената војна.