Израел ја обвинува СЗО за „договор“ со Хамас

Меирав Ејлон Шахар, израелска амбасадорка во Обединетите нации во Женева, 12.12.2023 година.

Израел во четвртокот ја обвини Светската здравствена организација (СЗО) за таен договор со Хамас, игнорирајќи ги израелските докази за „терористичка употреба“ на болниците во Појасот Газа.

Амбасадорот Меирав Ејлон Шахар на состанокот на извршниот одбор на СЗО на 25 јануари рече дека не може да има здравје на палестинската територија кога Хамас „се инсталира во болниците и користи жив штит“, пренесува новинската агенција АФП.

„Во секоја болница што Израелските одбранбени сили ја пребараа во Газа, најдоа докази за воена употреба од страна на Хамас“, рече таа.

„Ова се непобитни факти кои СЗО ги игнорира повторно и повторно. Тоа не е неспособност, тоа е таен договор“, додаде таа.

Видете и ова:

Меѓународниот суд на правдата в петок ќе одлучува за тужбата за геноцид против Израел

Војната избувна кога Хамас и другите милитанти од Газа започнаа напади без преседан врз Израел на 7 октомври, кои однесоа околу 1 140 животи, според официјалните израелски податоци.

Милитантите, исто така, заробија 250 заложници, а Израел соопшти дека околу 132 се уште се во Газа. Во тој број се вклучени телата на најмалку 28 мртви заложници, наведува АФП врз основа на израелските податоци.

Израел одговори со ветување дека ќе го уништи Хамас и започна воена офанзива во која Министерството за здравство под контрола на Хамас вели дека се убиени најмалку 25 700 луѓе, од кои околу 70 отсто жени и деца.

Израелската војска го обвинува Хамас дека има тунели под болниците и дека користи медицински установи како командни центри, што исламистичката група го негираше.

СЗО не ги потврди овие наводи.

Видете и ова:

Најмалку девет лица загинаа во напад врз центар за обука на агенцијата на ОН во Газа

Ричард Пиперкорн, претставникот на СЗО за Палестинската територија, на 21 декември им рече на новинарите дека „ние во нашите мисии не видовме ништо од ова на терен“, додавајќи дека СЗО „не е во позиција да утврди како која било болница е користена“ за воени цели.

„Улогата на СЗО е да следи, анализира и известува … Ние не сме истражна организација“, рече Пиперкорн.

Но, амбасадорот Ајлон Шахер тврди дека здравствената агенција на Обединетите нации „знаела дека заложниците се држат во болници и дека во нив оперираат терористи“.

„Дури и кога се презентирани конкретни докази за тоа што се случувало под земја и над земја… СЗО избира да замижи, загрозувајќи ги оние што треба да ги заштити“, рече таа.