Пендаровски се сретна со Османи и Курти во Приштина

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски со претседателката на Косово, Вјоса Османи, Приштина - 25 јануари 2024 г.

Претседателот Стево Пендаровски во Приштина денеска, 25 јануари, се сретна со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу и премиерот Албин Курти во рамки на неговата официјална посета на Косово, соопштија од неговиот кабинет.

„Во фокусот на разговорите беа актуелни теми од билатералните односи, европската перспектива на двете држави, случувањата во однос на дијалогот Белград-Приштина, како и предизвиците на регионален и мултилатерален план и безбедносната состојба во регионот и пошироко“, соопштија од кабинетот на Пендаровски по средбата со Османи.

Видете и ова: Има ли движењето Самоопределување паналбански амбиции?

Ова биле теми на разговор и со Курти на којашто средба,претседателот посочил дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици на глобално ниво, „од голема важност за стабилноста на Западен Балкан е изнаоѓањето на решенија на отворените прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање“.

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски со премиерот на Косово, Албин Курти, Приштина - 25 јануари 2024 г.

На средбите се разговарало и за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Косово како и можностите за продлабочување на соработката.

Во рамки на посетата на Косово, во Пеќ Пендаровски ќе ја посети и Регионалната Команда – Запад на КФОР, кадешто е предвидено да се сретне со тамошниот командант, полковник Франческо Ферара и со припадниците на македонскиот контингент во рамки на КФОР.