Полицијата во Бања Лука проверува дали е поставена бомба во просториите на градската управа, откако во четвртокот наутро на 25 јануари добила пријава.
Пристапот до зградата на Управата е забранет, а сите вработени се евакуирани.
Од полицискиот оддел на Бања Лука за Срна изјавиле дека полициските службеници спроведуваат истрага.
„Се преземаат мерки и дејствија согласно Упатството за однесување на припадниците на Министерството за внатрешни работи на Српска во случај на закана со експлозивна направа или со некоја друга опасна направа“, велат од Полициската управа Бања Лука.
Извештајот за бомбата е добиен при подготовките за почетокот на седницата на Собранието на Градот Бања Лука на која требаше да се разгледува ребалансот на градскиот буџет за 2023 година.
Додека трае полицискиот претрес на зградата, пред Управата се одржува протест организиран од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик против одржувањето на седницата на Градското собрание.
Видете и ова:
Република Српска со дефиле одбележува неуставен празник и покрај предупредувањата од ЕУ и од САДВо градскиот Сојуз на независни социјалдемократи тврдат дека седницата е незаконски закажана и дека не е во согласност со законот во 2024 година да се разгледува ребаланс на буџетот за претходната година.
Градоначалникот Драшко Станивуковиќ, функционер на Партијата за демократски напредок (ПДП), инсистира на ребаланс за да може да се подмират сите трошоци направени во 2023 година. Во СНСД, Станивуковиќ е обвинет за злоупотреба на средства, на што тој одговара дека партијата која го има мнозинството во градскиот парламент, намерно го саботира.
Бања Лука изминативе дваесетина дена беше одбележана со протести на социјалните категории и земјоделците на кои не им беа исплатени бенефиции и стимулации, а неизвесни беа и платите на вработените во градот.
На крајот беше постигнат компромис за прераспределба на буџетските средства во ланскиот буџет, а нема договор за ребаланс кој би ги опфатил трошоците за јавните работи во Бања Лука.