Предлогот за кандидатот Љубомир Јовески да биде избран за судија во Уставниот суд е повлечен, согласно тоа беше исцрпен дневниот ред од 13-тата седница на Комисијата за избор и именувања и расправата во Собранието на Република Северна Македонија заврши.
Денес, СДСМ ја повлече кандидатурата на Љубомир Јовески за уставен судија, објави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, опишувајќи го како главниот политички егзекутор, слепиот послушник и заштитникот на криминалот на власта во изминатите 6 години.
„Љубомир Јовески повеќе не е им е потребен бидејќи здачата за која беше поставен си ја исполни, а со тоа криминалите на СДСМ и ДУИ 6 години беа заштитени. Неговиот мандат беше проследен со многу скандали, безброј неповедени обвиненија, скриени предмети, смешни и бизарни пресуди, ослободување криминалци и уште многу партиски нарачани одлуки и пресуди. СДСМ веќе нема никаква корист од Љубомир Јовески и исто како и со Катица Јанева и Вилма Русковска се одрекуваа од овој човек за повторно да си ги заштитат партиските интереси“, рече Стојаноска на прес-конференција.
Јовески во изјава за МИА вели дека е изненаден дека предлогот беше повлечен без да се наведат основни причини за тоа.
„Изненадувачки, вулгарно беше тоа дека предлогот е повлечен без да се наведат основни причини за тоа. Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади“, вели Јовески.
Денешната расправа беше 25 продолжение на 13.седница на Комисијата на која се одвиваше дебата за кандидатот за уставен судија Љубомир Јовески, кој во меѓувреме се пензионираше и веќе не е јавен обвинител.
Јовески беше еден од кандидатите предложени од СДСМ за работа во Уставниот суд.
Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието.