Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков изјави дека загинале сите 74 лица во воениот авион што се урна во овој руски регион во средата, меѓу кои и 65 украински воени заробеници.
Локалните медиуми претходно објавија за несреќата, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
„Во авионот имаше 65 заробени војници на украинската армија кои беа транспортирани во регионот на Белгород за размена, шест членови на екипажот и тројца придружници“, соопшти Министерството за одбрана.
Засега нема информации дали некој ја преживеал несреќата.
Гладков изјави дека се случил „инцидент“, но не даде дополнителни детали, додавајќи дека во областа е испратена истражна екипа.
На видеото на социјалните мрежи се гледа дека авион, кој изгледа како воен транспортен авион Иљушин Ил-76, застанува на земја, проследен со силен удар и експлозија по што се појавува чад и пламен кон небото.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да коментира за авионската несреќа, велејќи дека се уште собира информации за инцидентот.
Додека официјалните лица ја истражуваат причината за несреќата, медиумот „Украинска правда“, повикувајќи се на, како што ги нарече извори во вооружените сили на Украина, напиша дека војската на Киев посочила дека несреќата е „нивна работа“, додавајќи дека авионот превезувал ракети за рускиот систем за противвоздушна одбрана С-300.
Извештајот не можеше да биде независно потврден.