Филмот „20 дена во Мариупол“ во кој се прикажани ужасите од раните денови на руската инвазија на Украина е номиниран за Оскар за најдобар документарен филм. Во копродукција на новинската агенција Асошитете прес и програмата „Фронтлајн“ на Јавниот радиодифузен сервис на САД, документарниот филм „20 дена во Мариупол“ беше снимен за време на првите три недели од војната во Украина.
Номинацијата, објавена на 23 јануари, ја признава застрашувачката хроника на режисерот Мстислав Чернов за опколениот украински град и искуствата на меѓународните новинари кои останаа таму по инвазијата на Русија, јавува новинската агенција АП.
Церемонијата на доделување на Оскар треба да се одржи на 10 март во Лос Анџелес.
Видете и ова:
Приказна за едно семејство по опсадата на Мариупол: 52 дена во пеколотВо меѓувреме, војната во Украина трае речиси две години. Борбата ова зима е заглавена по линијата на фронтот долга 1.500 километри. Во последните месеци, руските воздушни напади нагло го зголемија бројот на цивилните жртви.
Војната во Украина и другите конфликти, вклучително и војната меѓу Израел и Хамас, беа особено опасни за новинарите. Во декември, Меѓународната федерација на новинари соопшти дека 94 новинари биле убиени ширум светот во 2023 година, а речиси 400 биле затворени.