Зеленски предложи закон за странските борци да можат да добијат украински пасоши

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 22 јануари, на Денот на украинското единство, претстави нацрт-закон со кој се дозволува повеќекратно државјанство, што ќе им овозможи на странските борци и етничките Украинци во странство да поседуваат украински пасоши без да мора да се откажат од државјанството на други земји.

Во обраќањето во чест на Актот за обединување на Украинската Народна Република и краткотрајната Западноукраинска Народна Република од 1919 година, Зеленски рече дека законот нема да важи за „граѓаните на земјите агресори“, што се однесува на руските граѓани, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Рама: Зеленски ќе учествува на самит за Украина во Тирана

Откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година, украинската влада формираше странска борбена единица која се проценува на околу 2.000 борци.

„Денес мораме да преземеме чекори не само за зајакнување на единството на Украина и нашиот народ, туку и да дејствуваме за единството на правата и слободите, вистината за Украинците, вистината за нас и вистината за нашата историја“, рече Зеленски.

Сегашните украински закони не дозволуваат двојно или повеќекратно државјанство за имателите на украински пасоши.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно овој месец потпиша сличен закон со кој им се дозволува на странските борци да добијат руско државјанство.