Бени Шаќири стана директор на МКЦ

Бени Шаќири

Музичарот Арбен (Бени) Шаќири е новиот директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, потврдуваат од Центарот за Радио Слободна Европа.

Од Центарот велат дека дури денеска дознале за исходот од конкурсот, иако решението за директорската позиција било изработено пред скоро две недели.

„Решението на Шаќири е од 10 јануари. Тој дојде денеска на работа со решението, а кандидатите, ниту МКЦ како институција меѓувремено не се известени за назначувањето. Рокот од осум денови за жалба е пробиен, а тоа значи дека е поминато времето за жалба на другите кандидати“, велат од МКЦ.

Назначувањето на Шаќири го потврди и градоначалничката Данела Арсовска за порталот Сакам да кажам.

Видете и ова: Разрешениот директор на МКЦ обвинува за притисоци од Град Скопје за вработување на Бени Шаќири

Покрај Шаќири, кандидатура поднеле и продуцентот и филмски работник Никола Мадиќ, но и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

Инаку денеска (22 јануари), се одбележува точно една година од музичкиот-протестниот собир пред МКЦ, каде стотици млади порачаа „Културата е скапа, некултурата поскапа“.

Движењето „Сите за МКЦ“ се појави откако Центарот информираше дека програмскиот буџет значително им се крати, а постоечкиот в.д. директор, Ванчо Богоев, е сменет од позиција бидејќи не подлегнал на притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување, токму за Бени Шаќири. Потоа Центарот стана мета на обвинувања за незаконско работење од Арсовска, додека како директор влезе дипломираниот детектив Никола Алексов.

Според процедурата на конкурсот, Управниот одбор на МКЦ ги доставува апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, а услов, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, е и 5-годишно работно искуство во областа на културата.