Во израелскиот напад на Дамаск, 12 загинати, од кои пет Иранци

Дамаск

Дванаесет лица, вклучително и пет советници на Иранската револуционерна гарда, беа убиени на 20 јануари во воздушен напад што му се припишува на Израел, според новиот извештај на Сириската опсерваторија за човекови права.

Четирикатница во квартот Мазе, каде наводно „се сретнале проиранските лидери“, била цел и е уништена, соопшти невладината организација со седиште во Велика Британија, која има широка мрежа на извори во Сирија.

Револуционерната гарда соопшти дека пет нејзини воени советници и членови на сириските сили биле убиени во напад извршен од израелски воени авиони.

Иранските медиуми објавија дека една од жртвите е генералот Садег Омидзаде, одговорен за разузнавачката работа на елитните сили Кудс, задолжени за надворешните операции на Иран, но оваа информација не е официјално потврдена.

Видете и ова: Убиени водачите на Иранската револуционерна гарда, тврдат ирански медиуми

Иран го обвини Израел за нападот и се закани со одмазда. Израел не одговори на обвинувањата.
Во последниве недели, Израел беше обвинет за убиство на висок ирански функционер во Сирија и уште една личност на Хамас во Либан, што ги подгрева стравувањата од проширување на војната.

Од почетокот на војната во соседна Сирија во 2011 година, Израел изврши стотици воздушни напади врз цели во таа земја, главно насочени кон проиранските сили, вклучувајќи го либанскиот Хезболах, сојузниците на сирискиот режим, како и сириската армија.

Израел ретко презема одговорност за своите операции во Сирија, но вели дека нема да дозволи Иран да го прошири своето присуство таму.

Речиси секојдневно се разменува оган на израелско-либанската граница меѓу проиранскиот Хезболах, сојузник на Хамас, и израелската армија од 7 октомври, кога започна војната меѓу Израел и Хамас.