Иран на 20 јануари објави дека успешно лансирал сателит во својата највисока орбита до сега.
Оваа програма предизвикува сомнеж кај Западот дека Техеран на овој начин ги подобрува балистичките ракети, пренесува АП.
Најавата доаѓа во време кога засилените тензии го зафатија поширокиот Блиски Исток поради израелската војна против Хамас во Појасот Газа.
Сателитот Сораја беше ставен во орбитата на околу 750 километри над површината на Земјата со тристепена ракета Каем 100, соопшти државната новинска агенција ИРНА.
Лансирањето беше дел од вселенската програма на Иранската револуционерна гарда заедно со цивилната вселенска програма на Иран, се вели во извештајот.
Немаше непосредна независна потврда дека Иран успешно лансираше сателит во орбитата. Американската војска и Стејт департментот не одговорија веднаш на барањето на АП за коментар.
Видете и ова: САД започнаа нов напад врз ХутитеСоединетите Американски Држави претходно рекоа дека иранските лансирања на сателити биле во спротивност со резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и го повикаа Техеран да не презема никакви активности кои вклучуваат балистички ракети способни да носат нуклеарно оружје. Санкциите на ОН поврзани со иранската програма за балистички проектили истекоа во октомври минатата година.
ICBMs може да се користат за испорака на нуклеарно оружје.
Техеран има доволно збогатен ураниум за „неколку видови“ нуклеарно оружје, доколку одлучи да го произведе, неколкупати предупредуваше шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Иран негираше дека развива нуклеарно оружје и вели дека неговата вселенска програма, како и неговите нуклеарни активности, се развиваат исклучиво за цивилни цели.
Меѓутоа, американските разузнавачки агенции и Меѓународната агенција за атомска енергија наведуваат дека Иран имал организирана воена нуклеарна програма до 2003 година.
Во декември, Иран лансираше капсула способна да носи животни во орбитата додека се подготвува за човечки мисии во наредните години.