Русија размислува за закон за конфискација на имот поради „лажни информации“

Илустрација

Руските пратеници подготвија нацрт-закон со кој се дозволува конфискација на пари и имот од луѓе кои „намерно шират лажни информации“ за вооружените сили на земјата, изјави на 20 јануари висок претставник во парламентот.

Вјачеслав Володин, претседателот на Државната дума, рече дека мерката ќе важи и за оние кои ќе бидат прогласени за виновни за, како што рече, други форми на предавство.

Тие вклучуваат „дискредитација“ на вооружените сили, повикување на санкции против Русија или охрабрување на екстремистички активности.

Видете и ова: Расте бројот на затворени новинари ширум светот

„Секој што ќе се обиде да ја уништи Русија, кој ја предал, мора да се соочи со заслужената казна и да ја надомести штетата направена на земјата, по цена на сопствениот имот“, напиша Володин на Телеграм.
Тој рече дека законот ќе биде претставен пред Државната дума, долниот дом на парламентот, во понеделник.

Откако ја испрати својата војска во Украина во февруари 2022 година, Русија интензивно ги бореше сите форми на политичко несогласување.

Според законите усвоени во март истата година, дискредитирањето на вооружените сили или ширењето „лажни информации“ за нив е казниво, а за овие дела се изрекуваат долги затворски казни, пренесува Ројтерс.

Руските власти уапсија илјадници луѓе поради протестите против инвазијата на Украина.