Затворски притвор во траење од еден месец доби осомничениот за инцидентот во државната компанија за воздухопловна навигација М-НАВ, кој пред неколку денови беше уапсен на границата со Косово.
Судот по апсењето му одреди мерка домашен притвор и други мерки за претпазливост, на што Обвинителството се жалеше. По жалбата постапуваше Кривичниот совет при Судот и одлучил на Љ.Ќ за кој постои основано сомнение дека учествувал во настаните во М-НАВ, да му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Од Судот информираат дека против ова решение не е дозволено право на жалба.
За инцидентот во М-НАВ обвинителството осомничи осум луѓе. Четворица, кои беа достапни за судот, добија мерка домашен притвор, а четворица останаа недостапни за судот. Љ. Ќ беше петтиот уапсен. Од Обвинителството денеска соопштија дека сега се лишени од слобода сите осум лица опфатени со Наредбата за спроведување истражна постапка за кривично дело - Загрозување на воздушниот сообраќај.
За останатите тројца Обвинителството исто така барало притвор. За двајца осомничени, судијата на претходна постапка определи мерка куќен притвор, на која обвинителството веќе вложи жалба, додека за третиот осомничен се очекува одлуката на Судот по предлогот на надлежниот обвинител, соопшти Обвинителството.
Видете и ова: Полицајци и приватна фирма за обезбедување со нов тендер го чуваат М-НАВ
Упадот во објектот на М-НАВ на Меѓународниот аеродром Скопје се случи на 4 јануари, а за случајот обвинителството отвори истрага против осум лица осомничени за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Инаку, инцидентот во М-НАВ следуваше веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.
Видете и ова: Судот одреди домашен притвор за уште едно лице за упадот во М-НАВ, обвинителство ќе поднесе жалбаСлучувањата во М-НАВ доведоа и до разрешувања на раководните позиции. Владата по седницата одржана на 9 јануари даде насоки до Надзорниот одбор на институцијата да разреши двајца од тројца директори: Фахрудин Хамиди, кој беше извршен директор, и Љубе Стаменковски, кој беше секторски-технички директор.
Денеска Надзорниот одбор на М-НАВ ги именуваше Хекуран Асани и Милан Кораќ на местата на Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. Тие следната недела ќе ги преземат функциите, откако ќе бидат впишани во Централниот регистер .