Министерот за одбрана на БиХ поднесе кривична пријава против Додик, неговиот заменик и полковникот на вооружените сили

Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез

Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез поднел кривична пријава против претседателот на Република Српска Милорад Додик, неговиот заменик Александар Гогановиќ и полковникот на вооружените сили на БиХ Милан Дамјаниќ, потврди тој за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 18 јануари.

Пријавите се поднесени поради нивното учество на одбележувањето на неуставниот Ден на на Република Српска (РС) на 9 јануари.

„Има повеќе кривични дела, меѓу кои е и напад на уставниот и правниот поредок на државата Босна и Херцеговина“, изјави Хелез за новинарите пред Судот на Босна и Херцеговина.

Претходно, Рамиз Салкиќ, пратеник во Народното собрание на Република Српска, поднесе кривична пријава против Додик за одбележување на неуставниот Ден на РС.

Обвинителството на БиХ не одговори на прашањето на РСЕ дали е отворен предмет поради одбележување на неуставен празник и колку жалби се поднесени.

Уставниот суд на Босна и Херцеговина два пати пресуди дека одбележувањето на 9 јануари како Ден на РС е противуставно, а во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина се пропишани казни за непочитување на одлуките на Уставниот суд.

За Уставниот суд не беше спорно одбележувањето на Денот на РС, туку датумот и симболиката што ја носи.

Видете и ова:

Република Српска со дефиле одбележува неуставен празник и покрај предупредувањата од ЕУ и од САД

Имено, на 9 јануари 1992 година во Сараево, таканареченото Собрание на српскиот народ во Босна и Херцеговина ја усвои Декларацијата за прогласување на Република на српскиот народ на Босна и Херцеговина за независен ентитет во рамките на Босна и Херцеговина, со цел да се припои кон Југославија, која потоа се распадна.

Во тоа време, лидери на РС беа Радован Караџиќ, Билјана Плавшиќ и Момчило Крајишник, кои подоцна беа осудени за геноцид и злосторства против човештвото.

Повеќето други народи во Босна и Херцеговина сметаат дека тој датум е официјален почеток на политиката на криминал и геноцид. И покрај ова, незаконското одбележување на 9 јануари се случува со години, а досега никој за тоа не одговарал кривично.