Руската полиција во средата насилно го растури протестот во градот Бајмак во Руската Република Башкортостан каде илјадници демонстранти протестираа против пресудата за познатиот активист Фаил Алсинов. Тој е осуден на четири години затворска колонија, откако судот го прогласи за виновен за поттикнување етничка омраза што предизвика судири меѓу неговите приврзаници и полицијата.
Демонстрантите се собраа на еден од најголемите протести во Русија откако Москва ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година, откако судот го осуди Алсинов за говор што го одржа на митинг во април 2023 година против плановите за ископување злато во Башкортостан, кој се наоѓа на југ од планината Урал, во близина на границата меѓу Европа и Азија.
Независните новински куќи на руски јазик објавија дека полицијата употребила солзавец и апсела откако избила тепачка со голема толпа луѓе кои се собрале за поддршка на активистот Фаил Алсинов. Сè уште не се знае колку лица се приведени.
Алсинов е обвинет за навреда на работниците мигранти во говор што го одржал минатиот април на протест поради плановите за ископување злато во Башкортостан, лоциран во јужниот дел на Русија, во близина на границата меѓу Европа и Азија.
„Голема благодарност до сите што дојдоа да ме поддржат. Ова никогаш нема да го заборавам. Не прифаќам вина. Отсекогаш сум се борел за правда, за мојот народ, за мојата република“, изјави Алсинов по пресудата.
Видете и ова: Руски јавни личности во егзил создадоа антивоен комитетНа видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат стотици луѓе собрани во близина на судот во градот Бајмак, 1380 километри источно од Москва. Според некои извештаи, имало неколку илјади луѓе. На социјалните мрежи се појавија снимки од конфликтот на кои се гледа како демонстрантите фрлаат со топки снег кон полицајците.
Големи протести во Русија се исклучително ретки поради ризикот од апсење на собири кои властите ги сметаат за незаконски. Илјадници луѓе беа приведени во последните две години поради противење на војната во Украина.
Башкортостан, претежно муслиманска република со 4,1 милиони жители, е еден од повеќе од 80 ентитети што ја сочинуваат Руската Федерација. Алсинов беше лидер на Башкорт, локално движење за зачувување на културата, јазикот и етничкиот идентитет на луѓето во регионот, кое беше забрането како екстремистичка организација во 2020 година.