Полска ги истражува наводите дека претходната влада користела шпионски софтвер

Полски парламент (илустрација)

Полска ќе ги испита наводите дека шпионскиот софтвер „Пегасус“ бил користен од полицијата и тајните служби за време на претходната популистичка влада.

Претходната влада на партијата Право и Правда (ПиС), која владееше од 2015-23 година, беше обвинета за шпионирање на опозициски политичари и судии кои беа критички настроени кон властите.

Политичките тензии се зголемуваат во Полска откако новата проевропска влада, предводена од поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, ја презеде функцијата од ПиС во декември.

Citizen Lab, канадско набљудувачко тело за сајбер безбедност, тврдеше дека Пегасус бил користен против неколку луѓе во Полска.

Според нив, една од значајните цели, бил Кшиштоф Брејза, кој во моментов е пратеник во Европскиот парламент, а претходно ја координираше изборната кампања на тогашната опозициска Граѓанска платформа за време на парламентарните избори во 2019 година.

Откако ќе се инсталира во мобилен телефон, Пегасус овозможува пристап до пораките и податоците на корисникот, но овозможува и далечинско активирање на уредот за снимање на звук и слики.

Видете и ова: Новата полска влада почна постапка за ликвидација на државните медиуми

Претседателот на Право и правда, Јарослав Качински, во 2022 година призна дека неговата земја купила шпионски софтвер, но негираше дека се користел против опозициски политичари.

Парламентарна истражна комисија ќе ја испита законитоста на употребата на Пегасус и ќе се обиде да утврди како Полска ја набавила програмата и другите слични системи. Откако дојде на власт, проевропската коалиција е во судир со конзервативниот националистички претседател Андреј Дуда, кој е поддржан од ПиС.

Новиот парламент веќе отвори уште два истражни комисии за активностите на владата на ПиС: еден за неуспешниот обид да се организираат контроверзни претседателски избори за време на пандемијата и друг за масовна дистрибуција на платени полски визи од конзулатите во различни земји.