Надзорниот одбор на М-НАВ ќе одржи седница за смена на раководството

илустрација

Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ на седница закажана за 13:30 часот треба да ги разреши претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, потврдуваат за МИА од службата за информирање во М-НАВ.

Со седницата за промените во раководството, Надзорниот одбор ќе постапи по насоките што ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов.

По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.

Видете и ова: Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директорите

По препорака од Владата, Инспекторатот за труд веќе изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на „М-НАВ“ и синдикатите и треба да подготви записник. Препорака од Владата доби и Агенцијата за цивилно воздухопловство, да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а проверки вршеше и Управата за финансиска полиција.

За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Од нив, веднаш беа приведени четворица, а на 12 јануари уште еден од другите четворица по кои се трага. На приведените им е определена мерка куќен притвор.

По владината одлука за промени во раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), кој во изминатиот период реагираше за работењето на актуелното раководство на М-НАВ и спроведувањето на огласите за вработување, ја стави во мирување одлуката за генерален штрајк.